јуни 13, 2024

Црвен крст – дел од тимовите за ублажување на последиците од пожарите

Волонтерски тимови на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Штип, периодов се активни во рамки на теренските активности за справување со пожарите, односно ублажување на последиците од истите.

Покрај зафатените предели во штипско и светиниколско, во кои огнената стихија навремено беше ставена под контрола, штипскиот волонтерски тим се приклучи на екипите на републичкиот Црвен крст и заедно со уште неколку општински организации од источниот регион, дејствуваше на терен во малешевскиот предел, или поточно во населените места: Робово, Тработивиште, Будинарци и регијата долж патниот правец Делчево-Пехчево. До засегнатото локално население се дистрибуираше хуманитарна помош, а волонтерските тимови редовно доставуваа флаширана вода и до сите учесници во борбата со огнената стихија, меѓу кои и припадниците на АРСМ.

Покрај тоа, волонтери на Црвен крст ги посетија и дежурните служби на институциите кои се дел од локалниот систем за справување со кризи и катастрофи (Противпожарна единица, Итна помош и Полиција) и за време на нивната ноќна смена им ја доставија потребната количина флаширана вода. 

Меѓусебната индивидуална и институционална поддршка и волонтерската посветеност се круцијални во време на кризи од национален обем.

 

< врати се назад