
Одбележување на ПХВ недела
Оваа година, беше посебна за ПХВ програмата, бидејќи се одбележаа 30 години од нејзиното постоење. Преку одбележувањето на ПХВ неделата се пренесува порака за унапредување на социјалната вклученост, културата на ненасилство и мир.
За таа цел, оваа година ПХВ неделата ја одбележавме под мотото „30 години ПХВ на локално ниво“ организирајќи свечен настан кој се оддржа во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
Агендата вклучуваше панел дискусија во која се вклучија волонтери – учесници во ПХВ програмата низ годините и дисеминатори кои говореа за значењето, искуствата и придобивките од ПХВ програмата врз младите и локалната заедница.
Особено значајно и емотивно беше учеството во панел – дискусијата на корисниците од Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака“ – Штип, кои низ годините беа дел од ПХВ програмата. Тие упатија искрена благодарност за грижата, поддршката и вниманието што го добиваат од Црвениот крст, потсетувајќи нè дека малите гестови на солидарност можат да создадат големи промени во животите на луѓето.
На настанот, беа прикажани кратките филмчиња изработени од страна на младите волонтери во рамки на ПХВ циклусот 2026 година, преку кои беа претставени нивните креативни идеи и успешно реализирани проекти. Воедно, им беа доделени благодарници на волонтерите за нивниот придонес и посветеност.
Свечениот настан го заокруживме со изложба посветена на 30-годишното постоење на ПХВ програмата и музичка точка која беше изведена од страна на волонтерите на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Штип.
Со овој настан уште еднаш ја истакнавме важноста на младите како двигатели на позитивни промени во заедницата. 30 години ПХВ – 30 години создавање можности, градење пријателства и менување животи на локално ниво.







< врати се назад











































