
Мотивациско-едукативни предавања за крводарителството
На 16 и 17 ноември 2026 година, во СОУ „Јане Сандански“ – Штип и СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип, се реализираа мотивациско-едукативни предавања за крводарителството, под менторство на прим. д-р Мери Шорова, со цел подигнување на свеста кај младите за значењето на дарувањето крв и поттикнување на хуманоста и солидарноста.
Учениците од III и IV година, преку презентација и интерактивна дискусија, имаа можност да се запознаат со значењето на крводарителството, научните факти поврзани со дарувањето крв, постапката за дарување, како и здравствените и хуманите придобивки од оваа благородна дејност.
Посебен акцент беше ставен на мотивирањето и охрабрувањето на младите да станат идни крводарители, да ги надминат евентуалните стравови и да ја препознаат важноста на нивниот личен придонес во спасувањето човечки животи.
Преку овие активности беа опфатени вкупно 242 ученици од двете средни училишта.
На крајот од предавањата, мотиваторите за крводарителство при Црвен крст на РСМ – Општинска организација Штип им поделија промотивни и едукативни материјали за унапредување на крводарителството.
Една дарувана единица крв може да спаси три животи! Хуманоста започнува со една одлука – да даруваш!



< врати се назад











































