560 корисници добиле сервисна помош од Мобилните тимови на Црвен крст и Општина Штип
Мобилните тимови за логистички и сервисни услуги на Црвен крст и Општина Штип цели 17 месеци во континуитет се активни на терен и извршуваат услуги на корисници во трето доба, лица со попреченост во видот и други категории граѓани кои имаат потреба од физичка помош.
Од почетокот на нивното функционирање, овие тимови имаат опслужено вкупно 560 корисници во штипскиот регион, заклучно со 10-ти август 2021 година.
Услугите на мобилните тимови се состојат во логистичка помош на стари и/или изнемоштени лица, самохрани родители, хронично-болни, семејства на лица со попреченост и други социјално-ранливи категории, при: набавка на прехранбени продукти и хигиенски средства, набавка на лекови и медицински помагала, извршување на шалтерски услуги – подмирување сметки за режиски трошоци и подигнување лекарски рецепти. Сервисната услуга е бесплатна, а граѓаните го подмируваат само сопствениот трошок за набавката. При користење на услугата, корисниците од страна на униформирани волонтери кои се легитимираат со ID картичка од Црвен крст, добиваат формулар на кој се евидентира сумата на дадени пари, а по набавката и вратениот износ на остатокот (кусурот) со приложена фискална сметка. Динамиката на реализирање на налозите се одвива ден за ден, односно според приоритетот и степенот на ранливост на корисникот. Најчесто, на корисниците кои телефонски нарачале услуга, истата им се испорачува следниот ден од 08:00 до 16:00 часот. Во истиот временски интервал е отворенa и телефонската линија 074 20 30 30, администрирана од лице од Црвен крст.